Ефес по продолжение ја скрши Алба, прва радост за Олимпијакос и Милано

Турскиот кошаркарски прволигаш Анадолу Ефес во најзвозбудливиот натпревар на програмата, по продолжение успеа да слави над Алба Берлин (106-105) и да дојде до првиот овосезонски триумф во Евролигата.

Дуелот беше во целост изедначен, а откако регуларниот дел заврши со резултат 95-95, следеа продолженија. Ефес беше порасположен на стартот, отвори со серија од 5-0, разлика која беше доволна за триумф до самиот финиш.

Василије Мициќ беше најефикасен кај Ефес со 23 поени и 13 асистенции кога се работи за индекс-поените, додека кај поентерите, Шејн Ларкин имаше 26 поени. Кај Алба, Рокас Гиедраитис постигна 21 поен.

Прва победа забепежа и Олимпијакос, кој на домашен терен убедливо славеше над шпанска Валенсија (89-63). Никола Милутинов имаше перфектна ноќ со „дабл-дабл“ учинок од 17 поени и 14 скока, а поддршка му беше ветеранот Василис Спанулис, исто така со 17 поени. Кај Валенсија, Џордан Лојд имаше 12 поени.

„Манекените“ од Милано на домашен терен освоија полн плен против литвански Жалгирис (85-81), исто така за прва радост во Евролигата. Серхио Родригез имаше 17 поени, а Џефс Брук реализира 14 поени, додека кај Жалгирис, Томас Волкап заврши со 19 поени.