Ефес по продолжение ја прекина победничката низа на Партизан

Во емотивна атмосфера во Истанбул, кошаркарите на Анадолу Ефес и Партизан одиграа неизвесен натпревар од 36. коло во Евролига, кој беше обележан и со едноминутен молк во чест на легендарниот тренер Душко Вујошевиќ.

Средбата донесе голема борба и драматична завршница, а победникот беше решен по продолжение. Домаќинот Ефес славеше со 79-72, откако регуларниот дел заврши нерешено 65-65.

Клучни фигури во победата на турскиот тим беа Џордан Лојд со 24 поени и Венсан Поарје, кој покрај 17 поени додаде и осум скока. Значаен придонес имаше и Вајлер-Беб со одлична организација на играта и 12 асистенции.

Во редовите на Партизан, Милтон остана на 12 поени постигнати во првото полувреме, без значаен ефект во продолжението. Браун и Џонс додадоа по 11 поени, додека Бонга заврши со 10.

Со овој пораз, Партизан ја прекина серијата од шест последователни победи и сега има скор од 15 победи и 21 пораз, што го остава на 15-тото место на табелата. Ефес, и покрај триумфот, останува во долниот дел со 11 победи и 25 порази.

Во вториот натпревар, екипата на Монако очекувано со 81-76 славеше над француски Асвел.