Ефес пак немилосрден, Макаби победи тесно, Звезда немоќна кај Басконија

Турски Анадолу Ефес продолжи со одличните игри во Евролигата и со нова победа, овој пат над Алба Берлин (86-99) се зацврсти на врвот во најквалитетното кошаркарско натпреварување на стариот континент.

Ефес главната разлика на мечот ја направи во третиот период кога беше доминантен и постигна единаесет поени повеќе од ривалот. Најдобар на теренот беше Мициќ со 23 поени, Моерман имаше 19, додека Плеис финишира со 18 поени, а кај АЛБА најмногу се истакна Хермансон со 19 поени.

Макаби Тел Авив важеше за голем фаворит, но едвај славеше над десеткуваниот Олимпијакос (71-70). Мечот го реши Скоти Вилбекин со тројка на десет секунди пред крајот, а токму тој беше најефикасен со 21 поен. Во победата се истакна и Елија Брајант со 13 поени.

Кај грчкиот тим прво име беше МекКисик со 14 поени.

Басконија на домашен терен беше доминантна против српска Црвена Звезда (71-56). Најефикасен кај шпанскиот тим беше Шенгелија со 18 поени, а Шилдс постигна 15, додека кај немоќниот српски тим Штимац имаше 13, а Пунтер 12 поени.