ВИДЕО: Ефес ја повлече „седумката“ на Наумоски и со епски пресврт го совлада Милано!

Екипата на Анадолу Ефес ја забележа единаесеттата победа во Евролигата, откако со 90-86 славеше над италијански Армани Џинс Милано.

Избраниците на Велимир Перасовиќ одиграа фантастичен натпревар и пред домашната публика се вратија од негатива од 19 поени, за на крајот да извојуваат голем триумф. Интересно е што тренерот на Ефес, Перасовиќ славеше роденден, па доби најдобар можен подарок од своите кошаркари. Со овој триумф Анадолу Ефес е на осмата позиција, а во наредното коло е домаќин на Басконија.

 

Милано на стартот играше како во транс, затоа што погоди се што шутна. Со серија од 0-10 гостинот убедливо се одлепи на стартот, а до крајот на првиот период, Милано успеа да замине на пауза со предност од 12 поени (15-27). Во средината на вториот период италијанскиот тим имаше и највисоки +19 (27-46), а до полувремето, предводени од Ханикат домаќините намалија на 14 поени негатива (40-54).

Она што беше интересно за македонската јавност на овој дуел е доделувањето на признание на Петар Наумоски, некогашна кошаркарска легенда, а сега претседател на МКФ. Првиот човек на мак-баскетот доби голема награда од својот поранешен клуб, откако челниците решија да го повлечат дресот со број седум во негова чест.

По полувремето, ситуацијата на паркетот беше поинаква. Ефес доминираше во сите сегменти, што резултира со намалување на негативата на само пет поени (69-74) по третиот период, а во последниот, иако „манекените“ повторно се одлепија на плус осум (75-83), турскиот тим предводен од Ханикат и Кирк дојде на минус три (82-85). На 1.40 до крајот Томас Ертел постигна кош под фаул и со додатно слободно фрлање изедначи на 85-85, а откако Крунослав Симон погреши, Догуш Балбеј ѕверски заби за +2 (87-85)

Ниту новиот напад на Милано не му помогна, затоа што Ханикат направи блокада и донесе нов напад за својот тим, во кој беше фаулиран Грејнџер, кој погоди еден од два слободни фрлања за 88-85. Во финишот Ефес свесно направи фаул, а Калниетис погоди едно од двете слободни фрлања, со што беше ставено крај на надежите на гостинот за нова победа во Евролигата.

Најефикасен кошаркар кај Ефес беше Ханикат со 16 поени, а го следеше Ертел со 15 поени, додека Чеди Осман, кошаркарот со македонско потекло постигна седум поени. Кај Милано најмногу се истакна Раким Сандерс со 18 поени.

Со поразот во Истанбул, продолжува агонијата на Милано во Турција. Досега, италијанскиот гигант во Истанбул нема ниедна победа на вкупно десет меча.