Ефес го декласира Партизан во клучен меч од борбата за плеј-ин!

Кошаркарите на Анадолу Ефес убедливо славеа на гостувањето кај Партизан (65-97) во 30. коло на Евролигата. Средбата во „Штарк Арената“ понуди одлична партија на турскиот тим. Ефес стигна до многу важен триумф во борбата за пласман во плеј-ин сегментот на ова натпреварување. 

Уште од стартот Турците се наметнаа и поведоа, ама Партизан имаше одговор и се врати до егал. Сепак, Ефес воспостави контрола и уште на полувреме водеше со високи 21 разлика. Третиот период беше најцрн за Србите, бидејќи гостите стигнаа до „плус 32“. Во последната четвртина Партизан успеа да ублажи дел од негативата, ама во последните минути Ефес дојде до највисоките 34 разлика. Најефикасен на мечот беше Томпсон со 19, додека Брајант имаше 18 во победничкиот табор. Од Партизан се истакнаа Бонга, Џонс и Нтиликина со по 11 поени.

Барселона врза три победи во бробата за директно место во плеј-офот, откако дома го совлада Жалгирис со 82-70. Каталонскиот тим стигна до седумнаесетта победа и се израмни по скор со Црвена Звезда, Баерн и Париз. 

Најефикасен играч на мечот беше Бризуела со 20 поени, додека Андерсон со 16 и Пантер со 14 му помогнаа водејќи ја Барса до победата. Кај Жалгирис по 13 поени уфрлија Браздеикис, Франциско и Сирвидис.