Ефес го декласира европскиот првак во Истанбул

Кошаркарите на Анадолу Ефес приредија изненадување со убедливата победа над Панатинаикос (93-67) во 15. коло на Евролигата. 

Средбата во Истанбул во целост му припадна на домаќинот, а европскиот првак само во два наврати водеше минимално. Ефес имаше контрола и уште во првиот дел стекна двоцифрена предност, а на пауза се замина со 45-34. 

Последниот налет Панатинаикос го имаше на стартот на продолжението, но пријде само на седум разлика. Сепак, одговорот на Турците беше одличен и предноста наеднаш стигна над 20 поени. Највисокото водство на мечот беше 29 поени која Ефес ја достигна во два различни моменти на последната четвртина и на крај убедливо слави. 

Во победничкиот табор се истакнаа Бубуа со 16, како и Нвора и Отуру со по 15 поени, а исто толку уфрли и Костас Слукас кај гостите. Вреди да се напомене дека ПАО беше без најдобриот Кендрик Нан кој е суспендиран.