Една изјава на Скариоло го чинеше отказ во Виртус Болоња

Италијанскиот кошаркарски стратег, Серџо Скариоло, заработи отказ во Виртус Болоња, откако даде една изјава која не им се допадна на челниците на клубот. 

Трофејниот тренер одржа прес-конференција пред почетокот на новата сезона и зборуваше за малите проблеми со играчкиот ростер, при што истакна дека „клубот го направил овој тим и му го дал на располагање“. Оваа изјава ја налутила управата, а по заедничкиот состанок, двете страни се договориле за прекин на соработката. 

„Цели и филозофија? Тоа е прашање за менаџментот. Управата го изгради овој тим и ми го даде мене. Ростерот го правеше менаџментот и мора да им оддадеме признание за тоа што беа во можност да направат ваква екипа со буџетот кој го имаа. Сега е на нас да постигнеме најдобар можен успех“, беше контроверзниот коментар на Скариоло.

Од Виртус излегоа со официјално соопштение, во кое се вели дека тренерот добива отказ поради „поткопување на мирот во екипата“. 

„Изјавите на тренерот Скариоло беа недолични и јавноста доби погрешна претстава за случувањата во нашиот клуб. Нема да дозволиме да биде поткопан мирот во тимот и добрата атмосфера во соблекувалната. 

Имавме големи надежи и ентузијазам за новата сезона, но ќе мораме да ја започнеме со нов предводник од клупата. Наша цел е да бидеме успешни и во домашното првенство, но и во меѓународните натпреварувања“, стои во соопштението од италијанскиот тим. 

Серџо Скариоло имаше договор со Виртус Болоња до 2024 година, но екипата сезонава дефинитивно ќе ја започне со нов тренер. Со Скариоло на клупата, италијанскиот тим стигна до трофејот во Еврокупот во 2022 година.