Еден од милениците на „Гробарите“ се враќа во Партизан

По неколкуте непријатни вести за навивачите на Партизан, конечно пристигна и позитивна, затоа што во клубот се враќа Жофри Ловерњ.

Според информациите кои ги објавија медиумите од Србија, искусниот француски центар потпишал договор со „црно-белите“, откако веќе неколку дена беше присутен на натпреварите на тимот, вклучително и дуелите против Асвел и Жалгирис, каде беше оддадена почит на легендарниот тренер Душко Вујошевиќ.

Ловерњ, кој поседува и српски пасош, би можел да настапи веќе во завршницата од Суперлигата на Србија, што претставува значително засилување за амбициите на тимот.

Французинот не е непознат за навивачите на Партизан, тој го носеше дресот на клубот во периодот од 2012 до 2014 година и остави силен впечаток како борбен играч, одличен реализатор и доминантен скокач. Во 2014 година беше и најдобар скокач во Евролига.

Покрај неговото враќање, клубот неодамна го продолжи договорот и со Карлик Џонс.