ВИДЕО: Еден Леброн премалку за Лејкерси, Бостон слави „трипл-дабл“ на Ирвинг

Екипата на Бостон Селтикс забележа триумф на домашен паркет и во „ТД Арена“ со 126-120 славеше над Сакраменто Кингс, благодарение на одличниот меч на првата ѕвезда Кајри Ирвинг.

Одличниот шутер на паркетот мина 37 минути, за кои успеа да забележи „трипл-дабл“, втор во кариерата. Ирвинг мечот го заврши со 31 поен (11/28 од поле, 1/9 за три, 8/9 слободни фрлања), а додаде уште 12 асистенции и 10 скока.

Најдобриот стрелец го следеше Браун со 22 поени, додека кај Сакраменто, прво име беше Хилд со 34 поени. Од балканските кошаркари, Богдан Богдановиќ даде девет поени, а слично беше и со Немања Бјелица, кој имаше кошмарна ноќ и многу промашуваше.

Лос Анџелес Лејкерс скоро и да се збогува со плеј-офот во НБА-лигата, затоа што загуби од Торонто Репторс (111-98). Првата ѕвезда Леброн Џејмс блескаше во дресот на „езерџиите“ и даде 29 поени, меѓутоа немаше голема поддршка од соиграчите. Торонто, пак, кој играше без суспендираниот Ибака како и повредениот Лaури, беше воден од Каваи Ленард, кој даде 25 поени, а поддршка му беше Пауел со 20 поени.

Оклахома Сити, пак, испушти вротглава предност од 19 поени и загуби од Индијана Пејсерс (108-106). Одлучувачкиот кош падна на 1,8 секунди пред крајот, кога Богдановиќ промаши шут за два, но топката заврши во рацете на Метјуз и тој успеа да поентира. Вестбрук имаше шут за тројка со звукот на сирената, но не погоди.

Лидер кај Индијана беше Сабонис со 26 поени, а Бојан Богдановиќ додаде 23 поени, додека кај Оклахома, главниот играч Пол Џорџ запиша 36 поени, но залудно, а „трипл-дабл“ оствари и Расел Вестбрук, со 19 поени, 14 скока и 11 асистенции.

На останатите мечеви, Орландо Меџик со 120-91 беше подобар од Кливленд, додека Јута пред својата публика со 120-100 ја доби битката со Минесота Тимбервулвс.