ВИДЕО: Еден Дончиќ премалку за Далас, шоу на Харден против Филаделфија

Словенечкиот кошаркар Лука Дончиќ повторно имаше солидна ноќ, но не се радуваше на победа. Неговиот Далас Маверикс загуби на гостувањето кај Орландо Меџик (111-106) и го претрпе 38 неуспех оваа сезона.

Орландо предводен од Вучевиќ запиша лесен триумф, иако резултатот не говори такво нешто. Триесетина минути домашниот тим беше на ниво, а Далас во последниот квартал само го намали поразот.

Лука Дончиќ со 24 поени (9/20 од игра), 8 скока и 5 асистенции беше прво име кај Далас, додека Бренсон даде 18 поени, а кај победникот, Вучевиќ имаше „дабл-дабл“ од 20 поени и 13 скока, додека најефикасен беше Рос со 22 поени.

Хјустон Рокетс на домашен терен со107-91 славеше над Филаделфија. Речиси како и секогаш, прво име кај „ракетите“ беше Џејмс  Харден кој флертуваше со „трипл-дабл“ и оствари учинок од 31 поен, 10 скока и 7 асистенции. Кај Филаделфија, Харис имаше 22 поени и 9 скока.

На останатите мечеви, Томпсон со 39 поени го водеше првакот Голден Стејт до триумф над Денвер (122-105), Детроит победи кај Чикаго (104-112), Мемфис и Мајами дома беа подобри од Јута (114-104) и Кливленд (126-110), а во дербито ЛА Клиперс ја добија Оклахома (со 118-110).