Ѕвездата на Панатинаикос во полиција поради жестока расправија со сопругата

Кендрик Нан имаше повеќе од успешна сезона со Панатинаикос и триумфираше во Евролигата и во грчкото првенство, но очигледно работите не се одвиваат баш најдобро во неговиот семеен живот. 

Грчките медиуми пишуваат дека Американецот имал жестока расправија со неговата сопруга веднаш после „мајсторката“ во која ПАО го совлада вечниот ривал, Олимпијакос, по што морала да реагира полицијата која го привела асот на „детелинките“. 

Инцидентот го пријавиле соседите поради големата бучава, а полицијата пристигнала по само десетина минути. Сопругата не сакала да поднесе никаква пријава, но органите на редот го привеле кошаркарот и го задржале на информативен разговор. 

Целата ситуација завршила на мирен начин, а потоа Нан се упатил во стоматолошка ординација за поправка на трите заба кои ги загуби во петтиот натпревар од финалната серија во грчкиот шампионат. За потсетување, Панатинаикос се врати од 0-2 и успеа со епски пресврт да ја освои 40. титула во историјата.