Ѕвездата на Њујорк не отстапува, чека подобри услови за нов договор

Преговорите меѓу Карл-Ентони Таунс и Њујорк Никс за продолжување на соработката засега не носат напредок. Иако клубот наводно понудил договор вреден 200 милиони долари за четири сезони, двете страни сè уште се далеку од постигнување согласност.

Според информациите од медиумите, центарот на Њујорк има право на максимален четиригодишен договор вреден дури 276 милиони долари. Таунс, сепак, е подготвен да прифати и помала сума со цел да остане во тимот, но понудените услови засега не ги исполнуваат очекувањата на неговиот табор.

„Карл-Ентони Таунс е подготвен да прифати помалку од максималниот договор, но во моментов двете страни воопшто не се блиску до договор“, откри претставник на неговиот адвокатски тим. 

Наводно, кошаркарот смета дека веќе направил доволно отстапки во интерес на екипата и очекувал прашањето за неговата иднина да биде решено без поголеми компликации. Сепак, преговорите се одвиваат побавно од очекуваното, а разликата меѓу понудата на клубот и барањата на играчот останува значителна.

Поради ваквиот развој на настаните, сè поверојатно е Таунс да ја започне новата сезона во НБА лигата без потпишан договор за продолжување на соработката. Тоа не значи дека заминувањето е извесно, но Њујорк ќе мора да направи дополнителен чекор доколку сака долгорочно да го задржи играчот кој лани бележеше 19,2 поени и 11,6 скокови по натпревар. 

Најнови вести од
НБА, САД