• Саше Љолес
Ѕвездата на Феникс Санс, Кевин Дурант, се огласи после критиките што ги доби од аналитичарот на американскиот „ЕСПН“, Стивен Еј Смит.
Кошаркарот на „сонцата“ беше нападнат од Смит, кој рече дека „Дурант ја нема потребната магија за да биде лидер на тимот“ и го нарече „бебе кое секогаш плаче под ќебето“, по што следуваше жестока реакција и дрзок одговор.
Дурант вели дека не може да сфати како луѓето воопшто го слушаат Смит и е разочаран од неговите коментари, нарекувајќи го „анонимус без карактер и душа“.
„Кој е овој анонимус? Во лигата сум веќе 18 години и никогаш го немам видено. Никаде не се појавил, не разговарал со ниту еден кошаркар, но си дава право да ги критикува оние што гинат на теренот.
Овие луѓе се сакати во умот, имаат ментална заостанатост. Поинаку не можам да го окарактеризирам неговото однесување. Ако му треба стручна помош, ќе му излезам во пресрет. Соработував со еден прекрасен психијатар во минатото“, рече Дурант.
Дурант сепак потоа призна дека оваа сезона има сегменти во својата игра кои може да ги подобри, но во секој случај, има одличен просек од 25,8 поени, седум скокови и три асистенции по натпревар.