„Ѕвезда во подем“ на Евролигата е младиот бек-шутер на Валенсија!

Кошаркарот на Валенсија, Жан Монтеро, официјално е прогласен за најдобар млад играч оваа сезона во Евролигата, објави сајтот на елитното натпреварување. 

22-годишниот Монтеро стана прв играч кој ја освои наградата „ѕвезда во подем“, и тоа во двете најсилни европски натпреварувања - Еврокупот и Евролигата. 

Репрезентативецот на Доминиканската Република оваа сезона одигра 32 натпревари во елитата, просечно бележејќи 13,7 поени, 3,6 асистенции и 2,8 скока по натпревар, со индекс на корисност од 16,4. 

Второто место во оваа категорија му припадна на Салиу Нијанг од Виртус Болоња, а трет на листата е Серхио Де Лареа од Валенсија. 

Награтата „ѕвезда во подем“ започна да се доделува во 2005 година, а за неа гласаат тренерите на сите клубови во натпреварувањето.