ВИДЕО: Џорџ блесна со 41 поен, Клиперси се изборија за шести меч со Феникс

Кошаркарите на Лос Анџелес Клиперс не се предаваат и се изборија за шести дуел против Феникс Санс. Во петтиот натпревар од финалната серија на Западот, Клиперси како гости славеа со резултат 102-116  и со тоа ја продолжија борбата за големото финале во НБА лигата.

Тимот од градот на ангелите доминираше во текот на целиот натпревар, а со тоа го имаше и водството на своја страна. Санси пак само еднаш успеаја резултатски да се вратат во игра и да поведат, тоа се случи на почетокот на третиот квартал, кога поведоа со 62-61. Веднаш потоа момците на Тајрон Лу одново ја презедоа контролата врз играта во свои раце и направија разлика која што не беше достижна за домаќинот. 

Пол Џорџ по кој знае кој пат оваа сезона пак беше фантастичен на паркетот, беше лидер на Клиперси и со 41 поен и 13 скока беше најпрецизен кошаркар на натпреварот и најзаслужен за убедливата победа на Клиперси.

Во таборот на гостинскиот тим одличен беше и Џексон со 23 и Морис со 22 поени, додека во редовите на Феникс се истакна Букер со 31 поен. Шестиот натпревар меѓу Санси и Клиперси е закажан за првиот ден од месец јули, а ќе се игра во Лос Анџелес.