Џордан призна: Немаше да ја „преживеам“ оваа ера со социјални мрежи...

Џордан

Мајкл Џордан важи за еден од најпознатите спортисти на сите времиња, кој додека играше беше под голем притисок. Поради тоа беше достапен за јавноста пред и по натпреварите, а кога немаше обврска со кошарката, водеше приватен живот како никој друг.

Поради тоа шесткратниот шампион со Чикаго Булс испрати критика за социјалните мрежи и рече дека тој би имал големи проблеми во оваа ера во НБА лигата.

„За некој како мене, и ова е она низ што минува и Тајгер Вудс, на пример, денес, не знам дали јас би можел да „преживеам“ во оваа ера на Твитер, каде што ја немаш приватноста што би ја посакал и во која се чини дека секој има некакви коментари за секоја тема.

Живееме во време на голема напнатост и вознемиреност за играчите. И мислам дека тоа е директна последица на социјалните мрежи“, вели Џордан.

Поради големиот притисок и недостатокот на мотивација, големиот шампион ја прекина кариерата за да игра бејзбол. Потоа се врати и освои уште три титули во низа, за на крај да ја заврши кариерата во Вашингтон Визардс.