Џејмс: Сакам да продолжам да освојувам титули со Лос Анџелес Лејкерс

Леброн

Леброн Џејмс и Лос Анџелес Лејкерс оваа година нема да бидат дел од плеј-офот во НБА лигата. Разочарувачката сезона за славниот тим од Калифорнија, проследена со многу повреди на ѕвездите, заврши уште во април.

Првиот стрелец на „езерџиите“ најави дека сака да продолжи да победува со овој тим и во иднина.

„Дојдов овде да освојувам титули. Сакам да победувам уште неколку години. Го добив она што го сакав, но сепак сум гладен за успех. Сигурен сум дека и тимот го сака истото. Тимот секогаш сака да победува. Го направивме тоа, но јас сакам да го повториме успехот од пред две години.

Управата ќе направи сè што е во нејзина моќ за да доведе нови засилувања. Ако ме прашаат за мислење, со задоволство ќе им дадам. Тие сигурно ќе го направат она што сметаат дека е најдобро за франшизата“, порача „кралот“.

Доаѓањето на Расел Вестбрук на почетокот од сезоната не беше доволно за успех оваа сезона. Френк Вогел си замина од тренерската позиција, наскоро се очекува поставување негова замена, како и неколку промени во ростерот за наредната година.