• Саше Љолес
Управата на поранешниот европски првак, Цибона од Загреб, објави дека клубот официјално заминува во стечај. Клупската сметка е блокирана повеќе од четири месеци, а се чини дека лошите денови за Цибона ја доживуваат својата кулминација.
Клубот не успеа да ги подмири долговите во предвидениот рок и автоматски заминува во стечај, како што наложуваат законите во Хрватска. Сепак, управата била подготвена за овој момент и поднела барање до Судот да го одложи почетокот на стечајната постапка, до трансформацијата на клубот од здружение на граѓани во акционерско друштво.
Одлуката на Судот се очекува многу наскоро, па останува да видиме каква разрешница ќе има овој случај. Загрепска Цибона е еден од најголемите клубови на поранешните југословенски простори и своевремено беше двократен европски шампион, кога во тимот настапуваше и незаборавниот Дражен Петровиќ.