• Зоран Мишевски
Деветтото коло од Првата кошаркарска лига со себе носи навистина неколку и тоа интересни натпревари, кои ќе имаат и директно влијание на изгледот на табелата. Водечкиот двоец, Чаир 2030 и ТФТ пред себе ги имаат ланските финалисти на плеј-офот.
Чаирчани имаат тешко гостување во Битола, каде во недела, од 18:30 часот, за противник го имаат Пелистер. Битолската екипа, која во последниот период не прикажува добри игри, извесно е дека ќе има дополнителни мотиви да го пронајде патот кон нешто подобро – победите. Битолчани ги загубија и оние малку шанси да „презимат“ на Јадранот, па сега со стонастотен ангажман ќе им се посветат на следните предизвици, оние од домашен карактер.
Истото се однесува и за актуелниот бранител на шампионската титула. МЗТ Скопје победи во Тиват, но остана без пласман во четвртфиналето на АБА2 лигата, што ослободува„ простор“ за максимум во обидите да се одбранат двете титули. Овој викенд ги чека нималку лесно гостување, макар било во СРЦ „Кале“, каде играат против актуелниот ко-лидер на табелата, екипата на ТФТ.
Без понатамошни „мотиви“ на Јадранот (иако треба да одиграат уште еден натпревар, против Војводина во Скопје), се и кошаркарите на Работнички, кои во ова деветто коло патуваат за Куманово, каде во саботен термин (18:30 часот), во салата „Перо Наков“ ќе играат против дополнително мотивираниот МКК Куманово, кој во изминатото коло стигна до првата победа на гостински терен (совладан Шкупи во Скопје).
Неизвесност се очекува и во останатите три дуели од овој круг на натпреварите.