Дурент: Сакам ново олимписко злато, се надевам дека ќе добијам повик!

Кевин Дурент сè уште не планира да се повлече од настапите за репрезентацијата на САД. Искусниот играч на Хјустон Рокетс откри дека има желба да настапи на Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година, но нагласи дека местото во тимот нема да го добие само врз основа на досегашните успеси.

Дурент на настан организиран од „USA Basketball“ порача дека конечната одлука ќе ја донесат генералниот менаџер на репрезентацијата Грент Хил и стручниот штаб.

„Сè зависи од Грент Хил и од тоа што ќе посака репрезентацијата на САД. Јас ќе продолжам да работам, да го одржувам нивото на игра и се надевам дека ќе добијам повик. Има многу одлични кошаркари кои заслужуваат место во тимот“, изјави Дурент.

Американскиот кошаркар и претходно истакнуваше дека не очекува автоматски повик поради своето име и минатите достигнувања, туку сака во следните две сезони да покаже дека сè уште припаѓа на самиот врв на НБА.

Доколку настапи во Лос Анџелес, Дурент ќе има речиси 40 години, но верува дека може да биде важен дел од тимот кој ќе се бори за ново олимписко злато.

Кошаркарот на Хјустон веќе влезе во историјата на Олимписките игри. Во Париз 2024 стана првиот кошаркар во машка конкуренција со четири освоени златни медали. Претходно беше дел од шампионските тимови на САД во Лондон 2012, Рио 2016 и Токио 2021.

Ако биде избран за составот за Лос Анџелес и Американците повторно стигнат до златото, Дурент ќе стане првиот кошаркар во историјата со пет олимписки титули.