Дурант успешно опериран, може да паузира и една година

Иако гореше од желба да им помогне на своите соиграчи во финалето против Торонто, еден од најдобрите кошаркари на Голден Стејт Вориорс, Кевин Дурант, по лошо ќе го памети своето враќање на терените по незгодната повреда. 

Искусниот кошаркар во петтиот натпревар од финалната серија на НБА лигата одигра само 11 минути, откако заработи незгодна повреда на Ахиловата тетива, по што синоќа мораше да заврши во операциона сала. 

„Операцијата е успешна. Моето враќање започнува од денес. Тешко ми е, но добро сум. Кошарката е мојата голема љубов и нема да се откажам од неа. Не сакав да сум тука, туку на паркетот да им помогнам на моите соигачи. Знам дека тие се големи херои и ќе победат на шестиот натпревар“, порача Дурант.

Според првичните најави, на 30-годишниот Дурант му се заканува отсуство од најмалку шест месеци, но во зависност од рехабилитацискиот процес паузата може да достигне и до една година. Неговиот соиграчи вечерва по полноќ го играат шестиот натпревар против Торонто и ќе се обидат да се изборат за мајсторка.