Дурант: Сакам историско четврто злато, да покажеме сила и да победуваме со 40-50 разлика!

Соединетите Американски Држави за Олимписките игри во Париз подготвуваат кошаркарски дрим-тим и тоа не го кријат. 

Една од ѕвездите на тимот ќе биде и Кевин Дурант, кој има високи амбиции. Ѕвездата на Феникс Санс нагласи дека сака четрвто злато, да влезе во историјата на Игрите, но и најави дека на секој натпревар сака убедливи победи. 

„Во Париз ќе бидат сите најдобри играчи на светот, возбуден сум за тој турнир. Го сакам тоа четврто злато, мислам дека ќе бидам единствен со таков успех. Сакам да испратиме моќна порака, сите да видат дека сме силни и доминантни. Сакам да победуваме со 40-50 разлика“, изјави Дурант. 

Кевин Дурант го освои златниот медал на Олимписките игри во 2012, 2016 и 2021 година, исто така е најдобар американски поентер на олимписките трунири.