ВИДЕО: Дурант одигра монструозен меч и донесе ново водство за Бруклин против Милвоки

Кошаркарите на Бруклин Нетс повторно се поблиску до полуфинале во Источната конференција на НБА лигата. Во петтиот натпревар од четвртфиналната серија против Милвоки Бакс, тимот од Њујорк забележа тешка победа од 114-108, а на паркетот во „Барклајс Центар“ блескаше Кевин Дурант.

32-годишниот крилен центар зад себе го остави еден од најдобрите натпревари во историјата на плеј-офот. Дурант постигна 49 поени, со скор од игра 16-23, а на паркетот мина 48 минути. Тој додаде 17 скока, 10 асистенции, 3 украдени топки и 2 рампи, и само 3 загубени топки.

Нетси катастрофално го започнаа мечот и со шут 4-20 влегоа во ситуација да бркаат негатива од 14 поени, по првите 12 минути. Милвоки и во вториот квартал продолжи со одличната игра и не му дозволи на домаќинот да му се доближи, сепак во третиот на паркетот го видовме вистинскиот Бруклин, па гостинската позитива почна да се топи. 

Во самиот финиш од натпреварот Дурант ја презеде одговорноста и го одведе својот тим кон ново водство. На 50 секунди до крајот, погоди клучна тројка за +4, а до крајот беше непогрешлив од линијата за слободни фрлања, за конечна победа на својот тим од 114-108.

Покрај Дурант во редовите на Бакси одличен беше и Грин со 27 поени, додека кај поразениот тим се истакна Јанис со 34 поени и 12 скока.