• Мартин Танасковски
Кошаркарите на Дубаи направија огромен чекор кон освојување на својата прва титула во АБА лигата, откако и во вториот финален натпревар го совладаа Партизан, овојпат со 86-81 на домашен терен.
Тимот од Обединетите Арапски Емирати сега има предност од 2-0 во финалната серија и се наоѓа само на една победа од историски успех во својата дебитантска сезона во регионалното натпреварување.
Натпреварот понуди две сосема различни полувремиња. Домаќините доминираа во првиот дел и успеаја да создадат солидна предност, контролирајќи го ритамот на играта и наметнувајќи го своето темпо. Во продолжението Партизан значително го подигна нивото на игра и се обиде да се врати во мечот. Белградскиот состав во неколку наврати се доближи на достижна разлика, но Дубаи остана смирен во клучните моменти и не дозволи пресврт.
Џанан Муса и Алекса Аврамовиќ диригираа кај Дубаи, мечот го завршија со по 16 постигнати поени, а Чиманга Кабенгеле постигна 13 поени. Кај Партизан на овој меч прв стрелец беше Бруно Фернандо со 16 поени, а Карлик Џонс имаше 15 поени.
Со оваа победа, Дубаи дојде на само еден триумф од шампионскиот трофеј, додека Партизан ќе мора да победи на следниот натпревар доколку сака да остане во игра за титулата. Третиот натпревар од финалната серија ќе се одигра во Белград, каде што црно-белите ќе се обидат да ја продолжат борбата за шампионската круна, а Дубаи ќе има прва меч-топка за историски трофеј во АБА лигата.

