• Иван Димовски
Собранието на АБА лигата заседаваше и гласаше за влезот на Дубаи во регионалното натпреварување. Европската кошарка сака да ја отвори вратата за богатите арапи во елитните евро-купови, меѓутоа за тоа да се случи Дубаи мора прво да мине „филтер“.
Девет од единаесет клубови гласаа „ЗА“ влез на Дубаи во АБА лигата. Единствено противник на идејата беша Партизан, додека на состанокот не се појави претставник на Будуќност. Мнозинството клубови попушти под притисокот и прифати влез на арапски кошаркарски клуб во балканското натпреварување.
Сепак, Партизан најави протестна жалба за оваа ситуација. Според пропозициите на лигата, неопходно е сите единаесет клуба да дадат своја согласност за ваква одлука. Жалбата на „црно-белите“ ќе биде поради незаконско гласање и усвојување на одлуката.
Како и да е, Дубаи доби голем поттик и си ја подотвори вратата за влез во европската кошарка. Сега клубот ќе чека одговор од Евролигата. Се очекува во првата сезона да се натпреварува во Еврокупот, а потоа да заигра во елитното натпреварување.