• Мартин Танасковски
Тимот на Соединетите Американски Држави ја продолжи легендата на Олимписките игри и го освои златниот медал во кошарка. „Дрим-тимот“ од НБА-лигата во мечот за најсјајното одличје славеше над домаќинот Франција (98-87) и дојде до јубилејниот 20. медал, или 17 златен во историјата.
Американците и Французите понудија спектакуларен натпревар, но француската одбрана не најде решение како да ги запре тројкашите на фаворитот на хартија. Од сите страни доаѓаа шутеви кои ја кратеа секоја надеж за сензација кога Франција ќе дојдеше близу. За САД ова е петти златен медал во низа, или осми на последните девет Игри. Единствено од 1992 наваму „дрим-тимот“ не победи на ЛОИ 2004 во Атина.
Дуелот почна со голема борба на Франција која успеваше да се одбрани во рекетот, но имаше потешкотии со шутот за три на Американците. За среќа, нападот на домаќинот функционираше, па гледавме еден егал-меч во првиот квартал (15-20). Слично мина и вториот период, во кој Франција беше близу со Американците до 31-34, а потоа Кари и Дурант влегоа во ритам, даваа тројки, па на пауза се замина со 41-49.
Французите во игра ги држеше Јабуселе кој имаше свој ден, а го изведе и потегот на мечот откако во вториот период заби преку Леброн Џејмс. По полувремето, САД за првпат поведе двоцифрено (53-63) и ја стави Франција во проблем. Во последните пет минути од периодот се активира шутот на Фурние, кој врза две тројки и една двојка, па со резултат 66-72 се влезе во последните десет минути. Во нив, Американците ја држеа позитивата на искуство, се додека пак не се разиграа Венбејама и Јабуселе и се дојде на 79-82, меѓутоа Кари пак даваше луди тројки и го извади фаворитот од незавидна ситуација.
Стеф Кари беше прв стрелец на мечот со 24 поени, пред Кевин Дурант и Девин Букер со по 15 поени, додека Леброн Џејмс заврши со 14 поени и 10 асистенции. Кај Франција, Виктор Венбејама имаше 26 поени, а Гершон Јабуселе заврши со 20 поени.