„Дрим-тимот“ од САД се разигра со Порторико и максимален оди понатаму

Кошаркарската репрезентација на Соединетите Американски Држави славеше над Порторико (104-81) во рамки на третото коло од групната фаза на Летните Олимписки Игри (ЛОИ) и со максимален учинок оди понатаму.

Сите играчи со исклучок на Џру Холидеј добија шанса од селекторот Кер за да се разиграат пред главните предизвици кои следат. „Дрим-тимот“ имаше мака со Порторико само во воведните десет минути по кои губеше со 25-29, но потоа вклучи „во втора брзина“ и со 39 постигнати поени во вториот квартал работите дојдоа на своето место за фаворитот.

Ентони Едвардс имаше одличен натпревар со 26 постигнати поени, пред Џоел Ембид со 15 поени, додека Кевин Дурант постигна 11 поени. Двоцифрени беа уште и Леброн Џејмс, Џејсон Тејтум и Ентони Дејвис, сите дадоа по десет поени. Кај Порторико, Хозе Алварадо заврши со 18 поени.

Соединетите Американски Држави ќе играат во елиминациионата фаза како лидер во групата, додека за втората позиција во директен дуел ќе одлучуваат Србија и Јужен Судан.