„Дрим-тимот“ никако да се состави: Американците без најдобрите во Токио?

Поместувањето на Летните Олимписки Игри од оваа за идната година ќе остави голема трага врз некои натпреварувања и турнири, а и настапот на таканаречениот дрим-тим на Соединетите Американски Држави е ставен под знак прашалник. По дебаклот на Мундобаскетот во Кина најголемите ѕвезди најавија дека ќе играат во Токио. Меѓутоа, одложувањето за следната година ќе направи голем проблем на селекторот Грег Попович.

Следното лето ќе мине во знакот на слободните агенти, Леброн Џејмс, Каваи Ленард, Крис Пол, Кајл Лаури и тие ќе одлучуваат за понудите од заинтересираните клубови. Подготовките би требало да почнат на 3 јули, а Попович ѕвездите ќе ги собере многу порано. Неизвесно е кој од нив ќе го прифати повикот, а кој ќе се посвети на одмор и барање клупски ангажман. 

Медиумите шпекулираат дека Американците ризикуваат пак да останат без медал ако не дојдат најдобрите кошаркари. Така, Франција тоа го искористи на Мундобаскетот во Кина, а лесно може да се случи во Токио некоја друга селекција да го повтори сензационалниот успех.