Драмата продолжува: Петрушев го пријави Лесор во полиција!

Кошаркарот на Црвена Звезда, Филип Петрушев, кој беше нападнат од Матијас Лесор на самиот истек од дербито меѓу вечните ривали во АБА-лигата, ќе го пријави францускиот кошаркар во полиција за физички напад. 

Дербито помеѓу Партизан и Црвена Звезда заврши во корист на „црно-белите“ кои со голем превсрт славеа со 92-81, иако имаа негатива од дваесет разлика во првото полувреме, но самиот натпревар на крајот падна во сенка на инцидентот што го предизвика црномурестиот центар на Партизан, кога двапати силно го удри Петрушев, по што настана хаос на теренот. 

Вчера српските медиуми објавија дека Лесор го очекува голема парична казна, суспензија од неколку натпревари, а дури можно е и да заврши зад решетки во времетраење од шеесет денови, затоа што прекршил неколку членови од Законот за спречување насилство на спортски настани и терени. 

Денешните вести од Србија велат дека Петрушев точно напладне ќе даде изјава пред органите на прогонот во Белград и дека за целата ситуација можно е да поднесе и кривична пријава против Французинот. Партизан во текот на вчерашниот ден објави официјално извинување, но тоа нема да биде доволно за да се смират страстите. 

Се очекува разврската околу овој инцидент да биде обелоденета во следниве денови. Според логиката на нештата, најпрво ќе треба да заседава дисциплинската комисија на АБА-лигата, а потоа и судот во Белград.