• Саше Љолес
Во пресрет на решавачкиот натпревар од финалната серија во француското првенство, во таборот на Монако владее голема неизвесност. Според информациите на француските медиуми, дел од тимот размислува да не отпатува за Париз доколку Метју Стразел и Алфа Диало добијат суспензии.
Монако синоќа успеа да победи (96-84) и израмни на 2-2 во финалната серија на ЛНБ лигата, но натпреварот беше обележан и со инциденти. Стразел и Диало беа исклучени, а потоа повикани на сослушување пред Дисциплинската комисија.
Дијало заработи две технички грешки и беше дополнително пријавен во судискиот извештај поради своето однесување, додека Стразел влезе во вербален конфликт со судијата Мехди Дифала, кого наводно го навредил и го нарекол „измамник“.
Од Париз побараа реакција од лигата, оценувајќи дека се нарушува интегритетот на судиите и дека се преминати границите на спортската критика. Поради тоа, на двајцата кошаркари им се заканува суспензија за петтиот и решавачки натпревар.
Одлуката на дисциплинските органи се очекува наскоро, а Стразел во меѓувреме јавно се извини за своето однесување.
Доколку Монако навистина одлучи да не се појави на натпреварот во Париз, титулата автоматски би му припаднала на домашниот тим, што би претставувало голем удар за француската кошарка.
Дополнително, во јавноста се појавија и шпекулации за можни санкции против клубот, па дури и потенцијално исфрлање во понизок ранг на натпреварување. Според распоредот, петтиот натпревар треба да се одигра на 23 јуни во 21:00 часот.

