Драгиќ: Не се вратив за да играм за петто место, сакам медал на Евробаскетот

Еден од најдобрите словенечки кошаркари, Горан Драгиќ реши да ја прекине репрезентативната пензија и се врати во тимот. Плејмејкерот со огромно НБА искуство ќе биде капитен на Словенија на Евробаскетот на стартот на септември. 

Самиот Драгиќ, зборуваше за одлуката да се повлече, а потоа и да се врати во тимот. 36-годишникот е спремен да биде лидер на теренот и надвор од него, но најави дека размислува на напад на медал. 

„Беше убаво да се игра во Љубљана и Стокхолм, а потоа разговарав со момците кои имаа желба да се вратам. Бев емотивен, бидејќи „ме нападнаа“, ме чекаше операција и потпис со Чикаго, па поради тоа чекав долго. Со сигурност нема да играм по 36 минути на натпревар, а навикнат сум да бидам Бетмен, а не Робин... Важно е дека имаме тимска хемија, сè функционира, а јас можам да бидам лидер и на теренот, но и надвор.

Ова ќе биде едно од најсилните првенства, нашата група е тешка, ама има голема еуфорија. Мора да бидеме мирни, одиме прво на пријателските да се подготвиме, па дури потоа во групите. Да бидеме реални, јас не дојдов тука за да играм за петто место, сакам медал на Евробаскетот“, призна Драгиќ.

Словенците ќе играат во групата Б, со Франција, Литванија, Германија, Босна и Херцеговина и Унгарија. Јасно е дека нема да минат лесно, во групата се паднаа првиот, третиот и петтиот фаворит за златото на Европското првенство.