ВИДЕО: Донсума побрз од сирената, Бруклин му даде 91 поен за едно полувреме на шампионот!

Екипата на Чикаго Булс со поените на Донсума во последната секунда ја совлада Атланта Хокс на гости со 110-108 во еден од највозбудливите НБА дуели одиграни ноќта меѓу средата и четвртокот.

Домаќините на пет минути до крајот имаа осум поени предност 100-92 и се чинеше дека рутински ќе дојдат до ново славје. Сепак, гостите не се предадоа и се играше неизвесна завршница. Оконгву на пет секунди пред крајот израмни на 108-108 и Чикаго тргна во напад. ДеРозан не реализира, но Донсуму беше на вистинското место, ја собра топката и ја смести во кошот за триумф.

Во победничкиот тим ДеРозан застана на 28, а Лавин на 22 поени. За домашниот тим најефикасен беше Тре Јанг со 34, додека Оконгву имаше „дабл-дабл“ учинок со 18 поени и 11 скока. 

Лука Дончиќ беше блиску до својот седми „трипл-дабл“ сезонава. Во победата на Далас над Минесота 104-99, словенечкиот ас забележа 25 поени, девет скока и десет асистенции. „Волците“ успеаја да го запрат во последниот дел, но Динвиди и Хардавеј се разиграа и Мавси стигнаа до триумфот. За поразениот тим Едвардс постигна 23, додека Руди Гобер натпреварот го заврши со 19 поени и 15 скока.

Кошаркарите на Бруклин Нетс го врзаа седмиот триумф, откако го декласираа актуелниот шампион Голден Стејт со 143-113. Сè беше решено во првото полувреме кое го добија со неверојатни 91-51. Дурант застана на 23 поени, а Вајсман постигна 30 поени за гостите.

Екипата на Хјустон на домашен терен го положи оружјето пред разиграниот тим на Орландо Меџик (116-110). Херој на вечерта е Паскал Сијакам, кој со рекорд во кариерата од 52 поени беше најзаслужен за триумфот на Торонто од 113-106 во „Медисон Сквер Гарден“ против Њујорк Никс.