Дончиќ: Тимот расте од ден на ден, целта е шампионскиот прстен!

Лос Анџелес Лејкерс им се вратија на победите и славеа над Њу Орлеанс Пеликанс со 124-108, а Лука Дончиќ прикажа ново извонредно издание и постигна 35 поени, кои ги „зачини“ со уште шест скока и исто толку асистенции. 

Словенечката суперѕвезда по натпреварот изјави дека е среќен за прикажаното и повторно потсети дека тимот ја темпира формата за најважниот дел од сезоната, а тоа е плеј-офот во НБА лигата. 

„Мислам дека сме во одлична позиција. Би сакал да бидеме третопласирани на крајот од регуларниот дел, а тогаш ќе започне вистинската мисија. Напредуваме со секој изминат меч, тимот расте како колектив, иако уште сме во фаза на адаптација. 

Знам со каков квалитет располагаме и убеден сум дека имаме ростер за високи дострели. Со мене во тимот е Леброн Џејмс, роден шампион кој секогаш сака да ја освои титулата. Не знам дали можеме тоа да го оствариме оваа сезона, но во секој случај, целта е шампионскиот прстен“, изјави Дончиќ. 

Лејкерси во моментов имаат учинок од 47 победи и 30 порази, а во следното коло ќе се соочат со екипата на Оклахома Сити Тандер.