ВИДЕО: Дончиќ со „трипл дабл“ го сруши Хјустон во дербито на Тексас

Далас Маверикс покажа дека е сериозен тим и го победи Хјустон Рокетс на гости во „Тојота Центар“ со 113-100. Дербито на Тексас мина во полза на гостите, иако двете екипи имаа свои периоди, но Маверикси го сопреа обично најопасниот Џејмс Харден на „само“ 12 поени, а притоа Лука Дончиќ одигра маестрална партија за победа. 

  • Хјустон Рокетс - Далас Маверикс:

Уште на стартот гостинот успеа да поведе и стигна до двоцифрена предност. Иако Хјустон се врати, Далас пак поведе убедливо, овојпат со највисоки +18. Домаќинот стигна до егал во последниот период, но со серија од 12-0 гостите го решија натпреварот. 

Лука Дончиќ блесна повторно со „трипл дабл“ учинок и 33 поени, 16 скокови и 11 асистенции, додека прецизен беше и Тим Хардавеј со 30 поени. Кај Хјустон најмногу релизации имаше Вуд (23), а зад него беше Џејмс Харден со „дабл дабл“ и 21 поен со десет асистенции. 

Стеф Кари го предводеше Голден Стејт до нова победа, овојпат над Сакраменто дома од 137-106. Плејмејкерот полека се враќа во форма и по 62 поени во минатата средба, ноќва уфрли 30, а беше близу до двоен или троен ефект со девет скокови и осум асистенции. Фокс и Барнс од редовите на Кингси имаа по 18 поени, колку што собра и Убре од Вориорси. 

Голден Стејт врза две победи и со враќањето на Кари на теренот изгледа како сосема поинаква екипа од онаа која доживеа дебакл минатата сезона. 

На останатите терени Орландо славеше над Кливленд (103-83), Филаделфија беше подобра од Шарлот (118-101), Никси победија кај Атланта (113-108), Мајами ја доби Оклахома (118-90), Торонто загуби од Бостон (114-126), Милвоки слави над Детроит (125-115), а Индијана по продолжение победи кај Њу Орлеанс (118-116).