ВИДЕО: Дончиќ повторно блиску до „трипл-дабл“, Харден продолжи во МВП форма

Лука Дончиќ за победа

По подолго време, екипата на Далас Маверикс запиша гостинска победа. Лука Дончиќ со 29 поени, 12 асистенции и осум скока беше прво име во тимот на Рик Карлајл во славјето кај Минесота (115-119), која неколку пати се врати од двоцифрена негатива, но не успеа да направи целосен пресврт. Словенецот имаше фантастична завршница и постигна тројка за да ја запечати судбината на противникот.

Најдобриот играч на Хјустон, Џејмс Харден, со „трипл-дабл“ го одбележа вчерашното шутерско шоу на неговата екипа против Кливленд (141-113). Со 43 поени, 13 асистенции и десет скока, минатогодишниот МВП играч продолжи да реди неверојатни бројки зад своето име кои го прават фаворит за индивидуалното признание и оваа сезона во НБА лигата.

Донован Мичел конечно заигра на посакуваното ниво и со 33 поени ја предводеше Јута во триумфот над ЛА Лејкерс (113-95).

Шампионот Голден Стејт постигна над 40 поени во две четвртини и убедливо го совлад Чикаго (146-109). Трите ѕвезди на „воините“ запишаа над 20 поени и ја продолжија трката со Денвер за првата позиција на Западната конференција.

Екипата на Вашингтон го искористи отсуството на Јанис Антетокумпо за да го добие дербито на Истокот против Милвоки (113-106). Томас Саторански беше изненадувањето во домашниот тим со својот прв „трипл-дабл“ учинок во НБА кариерата со 18 поени, 12 скока и десет асистенции.

Фаворитот во Источната конференција Торонто очекувано славеше против Бруклин (122-105) во меч во кој дури осум домашни кошаркари запишаа двоцифрен број на поени.

Во останатите натпревари, Атланта ја шокира Филаделфија (121-123), Индијана се радуваше против Њујорк (106-121), а Портланд беше убедлив на мечот со Шарлот (127-96).