• Иван Димовски

Лејкерси сè уште го чекаат својот лидер, Лука Дончиќ кој почна да тренира, ама не е баш близу до враќање на терените. Ѕвездата на Лос Анџелес Лејкерс подолг период е надвор од терените поради повреда на задниот бутен мускул.
Словенецот почна да тренира, а според најавите, најран можен термин за враќање е четвртиот натпревар од серијата против Оклахома Сити Тандер на 11 мај. Заздравувањето оди внимателно, чекор по чекор по повредата која ја заработи на 2 април. Иако помина повеќе од еден месец, Дончиќ сè уште не е во фаза на сериозна работа на паркетот, особено кога станува збор за трчање и игра пет на пет.
Лекарските проценки велат дека ваквите повреди најчесто бараат пауза од 6 до 8 недели, иако со современи методи на рехабилитација тој период може да се скрати. Сепак, сигналите не се охрабрувачки во овој момент. Американските медиуми веќе објавија дека Дончиќ нема да биде во комбинација за првите натпревари од серијата со шампионот, додека експертите потенцираат дека враќањето во моментов не е ни блиску. Се очекува во текот на неделата да започне со поинтензивни тренинзи, но конечната одлука ќе зависи исклучиво од тоа како ќе реагира неговото тело.
За потсетување, Лос Анџелес Лејкерс без Дончиќ успешно ја минаа првата рунда од плејофот и го елиминираа Хјустон Рокетс со 4-2.





