ВИДЕО: Дончиќ одигра меч за паметење во НБА, Денвер немоќен против Лејкерси

Лука Дончиќ одигра нов натпревар за паметење во НБА лигата и го предводеше Лос Анџелес Лејкерс до голема победа над Денвер Нагетс со резултат од 115-107, во натпревар кој уште еднаш потврди дека се раѓа ново НБА ривалство помеѓу овие два тима.

Словенечкиот ас забележа „трипл-дабл“ ефект со 38 поени, 13 скока и 10 асистенции, а Лејкерси до триумфот стигнаа по голем пресврт, иако во второто полувреме го загубија центарот ДеАндре Ајтон, кој мораше да го напушти теренот поради повреда на левото око.

Леброн Џејмс, кој по 21 година не е избран за стартер во Ол-стар натпреварот, постигна 19 поени и даде важен придонес во моментите кога играта се кршеше. Нагетси настапија видно ослабени, без четворица кошаркари, а меѓу нив беше и Никола Јокиќ, кој поради повреда го пропушти дванаесеттиот натпревар во низа. Џамал Мареј беше најпрецизен за Денвер, со 28 поени и 11 асистенции.

Мајами Хит забележаа убедлива победа на гостински терен во Калифорнија, триумфирајќи над Сакраменто Кингс со резултат од 130-117.

Бам Адебајо беше најефикасен во победничкиот тим со 25 поени, додека Норман Пауел додаде 22. Голем придонес имаше и Ендру Вигинс со 19 поени, како и Пеле Ларсон, со 16 поени и девет асистенции. Демар Дерозан беше на ниво за Кингси со 23 поени, додека Расел Вестбрук додаде 22, а Малик Монк постигна 18 поени.

На останатите натпревари Голден Стејт Вориорс загуби од Торонто со 127-145, додека Јута Џез пред својата публика славеше над Минесота со 127-122.