• Горан Упале
Кошаркарите на Бостон Селтикс се движат кон нова шампионска титула во НБА лигата, откако по два натпревари на домашен терен против Далас имаат максимален учинок. Во втората средба од големото финале на најсилната кошаркарска лига во светот, Селтикси триумфираа со 105-98 и се полни со самодоверба пред продолжението на серијата, која се сели во Далас.
Навивачите на Маверикси беа одушевени кога видоа дека на теренот на „ТД Гарден“ се појави Лука Дончиќ, кој беше неизвесен поради повреда на градниот кош, па се надеваа дека со Словенецот во тимот ќе успеат да направат брејк, но тоа не се случи.
Првата ѕвезда на тимот од Тексас постигна 32 поени и имаше 11 скока и исто толку асистенции, со што Дончиќ стана првиот играч во историјата на овој клуб со „трипл-дабл“ учинок во финалето. Сепак, тоа не беше доволно за да се избегне нов пораз против Селтикси, со оглед на тоа што Пи Џеј Вашингтон и Кајри Ирвинг искомбинираа само 33 поени. Првиот постигна 17 поени, а вториот 16 поени.
Од друга страна, пет играчи на Бостон Селтикс постигнаа двоцифрен број на поени, а најуспешен беше Џру Холидеј со 26, на кои додаде 11 асистенции и 9 скока.
Третиот натпревар од финалната серија на НБА лигата ќе се игра во ноќта помеѓу среда и четврток од 02:30 часот.