ВИДЕО: Дончиќ најде лек за Бруклин, ново разочарување за Лејкерси

Далас

Далас Маверикс со пресврт го доби дербито против Бруклин Нетс (111-113), најмногу благодарение на одличниот Лука Дончиќ. Словенецот уфрли 37 поени и собра девет скока и исто толку асистенции на оваа средба. Гостите го искористија отсуството на Кајри Ирвинг и направија кам-бек во последната четвртина, во која анулираа двоцифрена разлика и на крај се израдуваа на победата.

Ново разочарување на фановите им приреди Лос Анџелес Лејкерс, кој загуби кај Минесота (124-104). Славната франшиза одигра очајно прво полувреме од кое немаше назад. Леброн Џејмс заврши со само 19 поени и се надоврза на лошата вечер на „езерџиите“ во Минеаполис.

Никола Јокиќ ја надмина границата од 10.000 поени во НБА лигата во славјето на Денвер Нагетс кај Вашингтон Визардс (107-129). Српскиот центар заврши со 29 поени и 13 скока, а неговата екипа продолжи да се бори за што повисок пласман пред почетокот на плеј-офот.

Шампионот Милвоки Бакс не дозволи изненадување кај Сакраменто Кингс (126-135), Бостон славеше над Голден Стејт (88-110), Јута, Сан Антонио, Њујорк и Шарлот запишаа победи на домашен терен, а гостувањата донесоа позитивни резултати за Филаделфија и Феникс.