Дончиќ му подари патики на својот екс-соиграч и му посака среќа во АБА финалето

Словенечката супер-ѕвезда, Лука Дончиќ, му приреди пријатно изненадување на својот поранешен соиграч од Реал Мадрид, Треј Томпкинс, на кого му испрати еден чифт патики и му посака многу среќа во финалната серија од АБА лигата. 

Томпкинс е играч на Црвена Звезда, а Дончиќ важи за голем фан на белградските „црвено-бели“, па на овој начин реши да му изрази поддршка на екс-соиграчот кој на првиот меч против Партизан одигра само шест минути и не постигна ниту еден поен. 

„Мало братче, ти благодарам за подарокот. Патиките ќе ги носам во финалната серија и се надевам дека ќе ни донесат среќа“, напиша Томпкинс на својот инстаграм профил. 

Црвена Звезда има водство од 1-0 во финалната серија против Партизан, а вториот натпревар ќе се одигра на петнаесетти мај, со почеток во 19:30 часот.