• Мартин Танасковски

Ѕвездата на Лос Анџелес Лејкерс, Лука Дончиќ, се соочува со сериозна повреда на тетивата на коленото, која е класифицирана како втор степен, односно делумно кинење. Повредата ја заработи минатата недела на натпреварот против Оклахома Сити Тандер.
Според повеќе извори, настапот на Дончиќ во втората рунда од плејофот е под знак прашалник, секако доколку Лејкерс успеат да го минат првото коло без својот најдобар играч. Дополнителен проблем за тимот претставува и повредата на Остин Ривс, што значително ги намалува шансите клубот да ја задржи високата позиција на Западот до крајот на регуларниот дел од сезоната.
Во обид да го забрза закрепнувањето, Дончиќ итно отпатува во Шпанија, каде ќе биде подложен на напредни регенеративни терапии. Според ЕСПН, станува збор за третмани со инјекции кои можат значително да го скратат периодот на опоравување дури и до половина од првично предвиденото време.
Медицинските експерти објаснуваат дека ваквите терапии најчесто вклучуваат комбинација од матични клетки и третман со плазма богата со тромбоцити, како и дополнителни методи како ласерска терапија со висок интензитет, терапија со црвена светлина, електромагнетна стимулација и хипербарична оксигенација. Интересно е што Дончиќ се одлучи за лекување надвор од САД, иако вакви методи постојат и таму. Причината лежи во построгите регулативи, додека европските земји како Шпанија, Германија и Швајцарија овозможуваат пофлексибилна примена на овие терапии.
Ова не е првпат играч на Лејкерс да побара третман во странство. Легендата Коби Брајант во минатото се лекуваше во Германија поради проблеми со коленото и Ахиловата тетива, додека Леброн Џејмс исто така користеше слични методи за рехабилитација надвор од САД. За Дончиќ, изборот на Шпанија има и лична димензија, со оглед дека токму таму ја започна својата европска слава настапувајќи за Реал Мадрид во периодот од 2015 до 2018 година.




