Дончиќ ќе игра за Словенија на ЕП, Лејкерси повлекоа неверојатен потег!

Словенечката репрезентација на претстојното Европско првенство во кошарка ќе биде значително засилена, бидејќи потврдено е дека Лука Дончиќ ќе игра за националниот тим.

Како што објавија словенечките медиуми, тренерот Александар Секулиќ добил зелено светло да смета на НБА ѕвездата, а информацијата ја потврдил и претседателот на Кошаркарскиот сојуз на Словенија, Матеј Ерјавец.

Дончиќ го договорил својот настап со челниците на Лос Анџелес Лејкерс, кои му дозволиле да ги брани боите на својата земја за време на првенството, а интересно е што клубот од Градот на Ангелите реагирал дополнително, за да биде сè во ред со една од главните ѕвезди на тимот. Имено, во договор со клубот, утврдено е еден од тренерите на Лејкерси да биде дел од словенечкиот тим, со цел дополнително да се грижи за физичката подготвеност на Дончиќ.

Дончиќ ќе му се приклучи на тимот околу две недели пред почетокот на првенството, кое ќе се игра од 28 август до 14 септември. Словенија е сместена во групата Д со Франција, Белгија, Исланд, Израел и домаќинот Полска.