• Саше Љолес

Кошаркарите на Бостон Селтикс повторно ја оправдаа улогата на фаворит и го совладаа тимот на Далас Маверикс во третиот натпревар од финалната серија во НБА лигата со конечни 106-99.
- Извештај од натпреварот:
Избраниците на Џејсон Кид тргнаа со фуриозна прва четвртина и одиграа мошне ефикасно во нападот, но неколкуте греши во финишот доведоа до само поен негатива за Бостон (31-30). И токму кога публиката помисли дека Далас конечно ќе заигра подобро, следуваше период на скоро четири минути без поени во втората делница, додека Бостон во неколку наврати успеваше и да го преземе водството. Одлична партија во првиот дел пружи Кајри Ирвинг, а резултатот на паузата гласеше 51-50.
Лука Дончиќ имаше серија промашувања во двете полувремиња и немаше баш најдобра шутерска вечер, но сепак одигра повеќе од солиден натпревар. Бостон во продолжение започна со доминација, додека Далас делуваше комплетно загубено на паркетот. Третата делница комплетно им припадна на Селтикси, кои водеа и со 21 поен разлика, но потоа Дончиќ започна серија на домаќините и успеа да намали на минус единаесет, 91-80.
Одеднаш Далас се разбуди, серијата продолжи со неколку поени во серија на Вашингтон, Ирвинг и Дончиќ, а публиката еруптираше по одличниот „кам-бек“ на само три поени негатива, 90-93. Токму во моментите кога се чинеше дека Далас оди кон епски пресврт, Дончиќ за првпат во кариерата заработи шест лични грешки и мораше да се пресели на клупата. Последните три ипол минути понудија неизвесност, Далас имаше негатива од само два поена, но на крајот Бостон сепак го затвори натпреварот во своја полза со конечни 106-99.
Неверојатен меч одигра Кајри Ирвинг, кој постигна 35 поени, Лука Дончиќ запре на 27, додека кај Бостон најефикасен играч беше Џејсон Тејтум, кој забележа 31 поен. Одличен учинок имаше и Џејлен Браун со 30 поени, од кои 24 во второто полувреме.
Селтикси се на само еден триумф од рекордната осумнаесетта титула во НБА лигата. Четвртиот меч од финалето се игра на петнаесетти јуни.