• Мартин Танасковски
Словенечкиот кошаркар Лука Дончиќ и официјално стави потпис на тригодишен договор со екипата на Лос Анџелес Лејкерс, вреден 168 милиони долари. Ова беше првиот можен ден за формализирање на соработката, шест месеци по неговиот трансфер од Далас Маверикс.
Посебно внимание привлекува одлуката на Дончиќ да потпише договор на само три години, со што ќе стане слободен играч во 2028 година, кога ќе има можност да потпише супермакс договор во вредност до 417 милиони долари — потенцијално највисок во историјата на НБА лигата.
„Благодарен сум на организацијата, соиграчите и навивачите што од првиот ден ме прифатија со толку многу поддршка и љубезност. Верувам во она што го градиме заедно и ќе дадам сè од себе да донесам нова титула во Лос Анџелес и да ја направам Лејкерс нацијата горда. Ова е само почетокот, и се радувам на сè што следува.“, вели Дончиќ.
Веднаш по потпишувањето на договорот, ѕвездата се врати во подготовките со словенечката репрезентација, која се подготвува за претстојното Европско првенство.
ФОТО: Los Angeles Lakers / Facebook
