• Мартин Танасковски
Оклахома Сити Тандерс важи за најсилниот тим во НБА-лигата сезонава, меѓутоа тимот не покажа ништо во дуелот со Лос Анџелес Лејкерс, во кој „езерџиите“ запишаа убедлива победа со резултат 126-99.
Дончиќ и дружината демонстрираа сила против тимот предводен од Шеј Гилгеш-Александер, кој е прв фаворит да ја освои МВП-наградата по крајот на регуларниот дел од сезоната. Немаше Оклахома решение за шутот за три на ЛА Лејкерс, кој во еден момент кога се градеше разликата беше и 75% ефикасен.
Уште од првата четвртина се најави пеколно издание на Лејкерси, затоа што му дадоа 42 поени на ривалот (42-32). Во втората, пристигнаа 36 поени, додека второто полувреме беше нешто поскромно од претходните. Највисоката предност на ЛА Лејкерс на овој дуел беше +29 поени, а во повеќето наврати потоа гостинот имаше позитива од 28 поени.
Лука Дончиќ беше играч на мечот со 30 поени, седум скока и шест асистенции, пред Ривс со 20 поени, додека Џејмс заврши со 19 поени и седум асистенции. Кај Оклахома, Шеј Гилгеш-Александер даде 26 поени со уште девет асистенции.