ВИДЕО: Дончиќ и Леброн „решетеа“, но ЛА Лејкерс загуби од Шарлот

Леброн Џејмс и Лука Дончиќ постигнаа повеќе од половина поени на Лос Анџелес Лејкерс, но тоа не беше доволно за победа над еден од најслабите тимови во Источната конференција – Шарлот Хорнетс. „Езерџиите“ во својот дом во Лос Анџелес загубија со 117-135 и го претрпеа четвртиот пораз во последните пет натпревари во НБА лигата, а вкупно петнаесетти сезонава.

Словенечкиот ас блесна со 39 постигнати поени, а Леброн го следеше со десет помалку, но тоа не беше доволно за ново славје на култниот клуб. На спротивната страна Шарлот го имаше расположениот Бол со 30 поени и 11 асистенции, а одлична партија запиша и Милер со 26 и Бриџис со 25 поени.

Сан Антонио Спарс го разби тимот на Милвоки Бакс со 119-101, во натпревар во кој двете најголеми ѕвезди на тимовите – Вамбањама и Јанис имаа неколку контроверзни дуели и го привлекоа вниманието на јавноста. 

Помладиот од нив беше поуспешен кога во прашање се поени. Французинот заврши со 22 поени и десет скока, додека грчкиот ас имаше еден поен помалку и само пет скока.

Кошаркарите на Оклахома Сити Тандерс продолжуваат да газат сè пред себе во НБА лигата. Најдобриот тим во Западната конференција беше немилосрден и против Хјустон Рокетс, совладувајќи го со 20 поени разлика 91-111.

За победничкиот тим поентираа дури единаесет кошаркари, од кои најпрецизен беше Гилџис-Александер со 20 поени, а за Хјустон во преден план беше Дурант со 19 поени.