ВИДЕО: Дончиќ и Јокиќ најдобри во победите, Лејкерси загубија во Мајами

Кошаркарите на Лос Анџелес Лејкерс загубија од Мајами Хит во Флорида со 113-107. Иако „кралот“ Леброн Џејмс имаше одлична партија, „езерџиите“ не успеаја да дојдат до позитивен резултат и продолжија со променливите резултати во НБА лигата. 

Мајами уште на стартот тргна одлично, во првата четвртина поведе двоцифрено, а до полувремето дојде и до огромни +26. Ниту по паузата Лејкерси не успеваа да фатат прикучок, поради добрата игра на домаќинот. Сепак, искусниот тим од Калифорнија во завршницата пријде навистина блиску и можеше да го загрози ривалот, но запре најблизу на четири коша дефицит. Со „дабл-дабл“ од 33 поени и 11 скока, Џејмс беше најдобар на паркетот, а му помогна Вестбрук со 24 поени и по девет скока и асистенции. Во победничкиот табор Робинсон беше најпрецизен со 25 поени, додека Џими Батлер собра „трипл-дабл“ од 20 поени, десет скока и 12 асистенции.

Лука Дончиќ исто така беше на прагот да запише троен ефект, ама запре на 37 поени, 11 скока и девет асистенции, со што беше најдобар во победата на Далас против Мемфис (104-91). Гризлис не го искористија расположениот Морант кој уфрли 35 поени и запиша 13 скока, па со пораз си заминаа од Тексас. 

До славје дојде и екипата на Денвер Нагетс во пресметката со Детроит Пистонс (117-111). Никола Јокиќ одново беше „алфа и омега“ на екипата од Колорадо, па со 34 поени, девет скока и осум асистенции беше далеку најдобар на паркетот. Иако Детроит солидно се спротивстави, немаше сили за изненадување, а интересно во таборот на Пистонси дури четири кошаркари уфрлија по 18 поени (Канингем, Јозеф, Лајлс и Стјуарт). 

  • Денвер Нагетс - Детроит Пистонс: 

Вчера во „европско време“ Њујорк Никс победи дома со Лос Анџелес Клиперси (110-102) и Бостон триумфираше против Вашингтон (87-116). На останатите паркети Орландо победи против Чикаго (114-95), Портланд славеше во Торонто (105-114), гостинско славје запиша и Атланта против Шарлот (91-113), Голден Стејт беше подобар од Јута (94-92) и Минесота го совлада Бруклин (136-125).