ВИДЕО: Дончиќ флертуваше со „трипл-дабл“, Харден и Хјустон се спасија од Далас!

Екипата на Далас Маверикс иако влезе во дуелот со Хјустон Рокетс како аутсајдер на хартија, сепак, го намачи противникот и за малку не успеа да слави над „ракетите“ пред својата публика (93-94).

Далас и Хјустон одиграа еден крајно изедначен меч, кој се „скрши“ во последните секунди од мечот. На една минута пред крајот, домаќинот имаше негатива од три поени (91-94), а Пауел со забивање донесе минимален „минус“. Во наредниот напад за Хјустон, промаши Харден, за Далас да има напад за победа. Во последните секунди од мечот Дончиќ тргна во напад, па реши да го проигра Брунсон, кој, пак, беше блокиран и не успеа да поентира за победа.

Фантастичен кај Далас беше младиот Лука Дончиќ, кој флертуваше со „трипл-дабл“ и му фалеше само една асистенција да дојде до достигнувањето. Словенецот заврши со 19 поени, 15 скока и 9 асистенции, а го следеше Брунсон со 18 поени.

Кај Хјустон Рокетс, Ерик Гордон релаизира 26 поени, додека најдобриот кошаркар Џејмс Харден одигра меч под просекот и даде само 20 поени, со шут 7/25 од поле.