Дончиќ е на добар пат да испише историја во НБА лигата

Словенечката супер-ѕвезда, Лука Дончиќ, веќе неколку сезони е меѓу најдобрите играчи во НБА лигата. Играчот на Далас Маверикс бргу го покажа својот раскошен талент и веќе успеа да сруши неколку рекорди во најсилното натпреварување во светот. 

Дончиќ и во сезоната што следи ќе постави уште неколку рекорди, а најзанимлив е оној кој се однесува на неговата заработка. Словенецот оваа година првпат ќе може да се „квалификува“ за заработка од цели 70 милиони долари и на тој начин ќе стане рекордер во НБА лигата, затоа што никој досега не ја добил оваа сума за само една сезона. 

Секако, за да се активира оваа клаузула, тој ќе мора да освои барем две признанија и така ќе може да го активира супер-максималниот договор во вредност од 318 милиони долари за пет сезони. Тој договор би можел да биде потпишан во 2025 година, а истиот би важел од сезоната 2026/27. 

Познавајќи ги неговите квалитети, ништо чудно ако Дончиќ успее да ги исполни условите за новата соработка и така може да влезе меѓу Топ-3 најплатени играчи во лигата. Оваа сезона Далас има големи амбиции, па останува да видиме каков ќе биде неговиот учинок.