ВИДЕО: Дончиќ е гениј, со две тројки за 15 секунди го „реши“ Бостон!

Кога Лука Дончиќ е расположен, неговиот Далас Маверикс реди победи во НБА лигата, без разлика кој противник го има на спротивната страна. Така беше и ноќва, кога словенечкиот ас сам го победи Бостон Селтикс, во дербито на денот во најквалитетното кошаркарско натпреварување во светот. 

Далас на крај славеше со 110-107, а победата му ја донесе токму Дончиќ, кој во последните мигови од дуелот имаше мирна рака и со две тројки за само 15 секунди ја анулира предноста на противникот и донесе голема радост за својот тим. Младиот плејмејкер натпреварот го заврши со 31 поен, 10 скока и осум асистенции, а во редовите на Бостон се истакна Браун со 29 поени и седум скока.

Стеф Кари повторно блесна на американскиот паркет и на свој грб донесе нова голема победа на Голден Стејт Вориорс. Во Њујорк совладани беа Никси со 106-114, а Кари заврши со 37 поени и по шест скока и асистенции. 

Брилијантна партија одигра и српскиот ас Никола Јокиќ, кој беше нерешлива енигма за Портланд во победата на Денвер Нагетс од 111-106. Одличниот центар реализира 41 поен, а надополни и со пет скока и пет асистенции, додека на спротивната страна расположение беа Лилард со 25 и Ентони со 24 поени. 

На останатите натпревари, Кливленд минимално славеше над Атланта (112-111), Детроит го среди Орландо (93-105), Клиперси го растурија Вашингтон (135-116), додека Торонто го загуби дербито на Истокот од Филаделфија (102-109).